Дневник за групата Термини – Скопска фракција

Група Термини

Формирање на групата термини

Една од групите „произведени“ на летната школа во Охрид беше групата Термини. Идејата на групата беше/e да се разработат, но и да се поврзат во некој мрежен систем одредени термини кои се користат во современата уметност и современото општество и тоа со цел да се промисли нивното значење и употреба денес. Идејата не беше да се направи уште еден лексикон каде ќе се објаснат одредени термини, туку да се изнајде креативен начин во пристапот на нивното ре–формулирање, односно како што подоцна сфативме, да се „дежаргонизираат“ или да се афирмираат одредени термини кои ги употребуваме во својата пракса.

Она што нас нè интересираше е потеклото на одредени термини- како тие се формирале, развивале, односно, како се појавиле во секојдневна употреба во современата уметност, општество, како влегле во жаргонот на совремието и кое е нивното значење денес. Групата од самиот почеток се ориентираше кон „продукт” и имаше замислена цел која треба да произлезе од едногодишната работа. Првата идеја беше издавање на книга, но со текот на времето оваа замисла се разви во повеќе насоки…

Самата идеја за истражување и бавење со термини беше предложена од Бојан Ѓорѓев кој ни достави една „бесконечна“ листа на Hot words (околу седумстотина). На оваа листа беа застапени термини кои се дел од вокабуларот на современата уметност и општество.

По Охрид и предлогот на Бојан, групите се сретнаа на skype, каде, поради техничките проблеми, недоволно се разбраа за да дефинираат како ќе почнат да работат со сите тие термини. Во тој момент сите се почувствувавме како да сме на прагот на амбис поради тоа што имавме некоја генерална идеја која сите не привлекуваше но не знаевме како да ја развиеме. Решивме (по e-mail) да селектираме одредени термини од „бесконечната“ листа според поделба на: термини кои ги знам, термини што се повторуваат, но не ги знам, термини коишто се сомнителни, општи места, оние коишто највеќе ги користам, термини без адекватен превод, неологизми, лични термини кои што ги употребувам.

Оваа задача, барем ние, од групата од Скопје, ја сфативме сите различно. Имавме листа на термини со кои сакаме да работиме која беше сеуште голема и непрочистена меѓутоа начинот на нивната класификација беше сеуште голема енигма.

Групата од Скопје беше разнолика, односно, таа во тој момент беше составена од членови со различни професионални искуства и интереси и реши пред се да работи на дефинирање на пристапот и да дојде до консензус околу интересот за одредени термини. Тоа беше тешко, па затоа, следниот чекор беше да се класифицираат термините според лична употреба и да се најде начин тие да се преведат во различни медиуми, односно да се изнајдат формати на нивно претставување. На пример, употреба на термините во текст, но и негово преведување во други медиуми за да можат да комуницираат со интересни групи од различни области.

Па така, во овој почетен период, го баравме методот и пристапот на работа на овие термини и одредување на процесите на нивна разработка и голем дел од нашата работа помина во негово обмислување.

За да ги провериме своите размислувања но и да ги потврдиме, решивме да ја повикаме Сузана Милевска за да разговараме со неа. Имавме една сесија која ја посветивме на разговор за ризом и негова употреба како методологија. После оваа средба, групата се окуражи да продолжи со работа, иако сеуште немавме одредено која ќе ни биде методологијата на работа, односно кој ќе биде пристапот.

Елем – се искристализира една идеја – да се осознаат одредени термини преку лична перспектива. Решивме секој од нас да одбере еден термин и да го разработи според следните критериуми:

  • прво запознавање со терминот
  • визуелна престава за тој термин
  • прва употреба на терминот во говорен јазик
  • референци
  • широка (флексибилна) употреба на терминот

Заедно со Сузана, разработивме два термина (the fold и networking) но понатаму оваа идеја, иако ни се чинеше доста интересна, не се продлабочи. Сепак, пристапот ни помогна да ги разгледуваме термините и нашиот однос, кон и со нив, од различни перспективи.

Потоа повторно дојде до застој во нашата работа кој траеше се до работилницата на Кале Хам. Оваа работилница ја употребивме за продолжување и дефинирање на пристапот во работата со термините, но сеуште не гледавме дефиниран и јасен начин како да продолжиме со работа.

На работилницата со Хам решивме претходно избраните термини (оние кои секој сам ги избра од „бесконечната“ листа) ги запишавме на ливчиња и ги залепивме на „големото стакло“. „Големото стакло“ значеше класификација на термини во групи според неколку категории:

  • термини кои ги гледам
  • термини кои ги слушам
  • термини кои ги чувствувам
  • * група термини коишто целосно не ги разбирам
  • uber термини- оние коишто не можеме да ги сместиме само во една категорија бидејќи се општо применливи

Распределбата во категории се одвиваше групно и на овој начин се развија дискусии и разлики во перцепциите на термините т.е. различните пристапи во нивното сетилно доживување (на пример Soundart – иако е општоприфатено дека овој термин се однесува на аудио форма, сепак за некои од нас повеќе спаѓа во категоријата на гледање отколку слушање).

Потоа се поделивме во помали групи и секој од нас се обиде да изнајде некоја логична поврзаност или ново значење на термините. Од оваа работа се создадоа интересни спојувања на два или три термини во една комбинација од термини за кои понатаму дискутиравме дека може да се развијат и преведат во различни медиуми (на пр. текст + слика, текст + звук итн.), и да ги организираме во програмски целини. Идејата беше за да се креираат категории со цел да дефинираме како термините можат да се истражуваат низ различни формати, како терминот се употребува, или може да се употреба во различни медиуми: текст, вербална обработка, визуелна, аудио…

(Во процесот на работа и нашите не толку интензивни но сепак делотворни средби дојдовме до повеќе идеи како да се развива проектот. Бидејќи не можеме сите да ги примениме, решивме овие идеи да ги ставиме во сегмент наречен „гробишта на идеи“).

Паралелно со нас, на работилницата на Хам работеше и групата Идентитети коишто себеси се видоа како „зачин“ на групата Термини. Тие решија да развијат свој пристап кон проблематиката независно од нашиот. Направија спојување на два термина за да создадат еден нов. За таа цел тие измислија лажна историја на развој на термините, со лажни референци за нивниот развој. Подоцна се обидоа да ги вметнат овие новонастанати зборови на Википедија, но за жал нивната слава во виртуелниот свет траеше кратко бидејќи не се поклопуваа со протоколот на on-line енциклопедијата и за многу брзо време беа симнати од неа.

Нивниот начин на работа и нам ни даде идеја дека можеби не е лошо да се разгледуваат термините и од оваа преспектива и да се земе предвид и овој пристап на креирање нови термини.

После нашиот ангажман со Хам работата во нашата група повторно западна во инерција која траеше се до работилницата со Бојана Цвејиќ. На неа целата група, и Белград и Скопје, конечно работеше заедно што придонесе и кон подобро запознавање меѓу сите нас. Оваа работилница беше значаен поттик за двете “фракции“ на групата Термини.

Бојана не мотивираше да работиме на неколку термини кои се дел од лексиконот на ЕДА (East dance academy). Најпрво се концентриравме на терминот контекстуален пристап во уметноста кој е специфичен за уметничката практика во нашиот регион а подоцна почнавме да работиме и на терминот фестивал(и). Она што е значајно од оваа работилница е дека за прв пат двете групи (скопската и белградската) почнавме да работиме заедно на лоцирање на потеклото, суштината и контекстот на овие термини и почна да станува јасна насоката по која треба да се движи понатаму нашата работа. По пат на заеднички асоцијативни и релациони размислувања на термините и со јасен систематски пристап почна да се одвиткува нивното значење и да се поврзуваат со практиките што се однесуваат на овие термини.

На работилницата ги поделивме задачите, и секоја група имаше обврска да ги разработи термините и да напише текст. Нашата група (Скопје) продолжи да го обмислува терминот фестивал(и). Бидејќи со Бојана малку разговаравме на оваа тема, поради краткиот престој во Белград, имавме повеќе работа во неговата разработка. Работевме според нејзиниот предложен пристап, и решивме да викнеме надворешен член па така се вклучи Искра Гешоска со свои совети, идеи и насоки.

Искра малку ни ја „зачини“ атмосферата бидејќи имавме потреба да го надоместиме отсуството на двајца членови од групата кои во меѓувреме се откажаа од работата со нас поради лични причини. Важно беше што мотивацијата и ентузијазмот сеуште ни беа на солидно ниво па така групата не се распадна, туку повторно изнајде мотив, секој лично, а и групно да продолжи да работи. Групата, сега составена од три члена, заедно со надворешниот, продолжи да го проблематизира терминот фестивал(и), да го разгледува контекстот во регионот во којшто тој се развивал, неговото значење и употреба… Разговаравме, коментиравме, пишувавме…

Работата се интензивираше кога се сретнавме со Белградската група на Тime share. Тука се дефинираше ‘’големата група’’, се зацврсти пријателството, се работеше на нови термини и на свежи размислувања, но и се разговараше за продолжување на заедничката работа на „големата група Термини’’…

И уште нешто од скопската „фракција’’…

Прифативме да учествуваме во проект кој се базира на самоорганизација и самоедукација иако за некои од нас беше познат во поинакви рамки а за други недоволно познат, но интересен. Навикнати на хиерахриски модел на функционирање ни беше тешко одеднаш да прифатиме да работиме според овие предложени механизми. Но сепак, едногодишниот период, кој ни беше даден на располагање, произведе директни и индиректни начини преку кои ги осознавме придобивките од овие самоедукативни процеси.

Пронаоѓањето на својот пат, пристап, барањето на мотив за работа после секој „неуспех“ не менуваше и не трансформираше секојдневно. Се соочивме со времето, задачите, целта на поинаков начин. Имавме простор, време да размислуваме и промислуваме повторно и повторно. Имавме време и простор да бараме и изнаоѓаме начини како да ги решаваме недоумиците, а и да се изгубиме во нив. Се соочивме со процес кој е целосно отворен за нас. Одговорноста беше што ќе правиме со тој отворен простор, како ќе го развиваме процесот, што ќе додаваме, одземаме.

Најголема придобивка во работата во група беше остварена на Тimeshare кампусот во Скопје и Белград, кадешто групата доби свое значење, односно конечно станавме целина. Можноста да го замениме виртуелниот со реален простор ни овозможи да се запознаеме низ работа, како и да се запознаеме на кој начин размислуваме и ги промислуваме нештата. Низ овој интензивен период двете групи дојдоа до кохезија и до заеднички резултат: Издание во создавање, отворена печатница, заеднички предизвици за понатамошна работа, соработка…

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink. Both comments and trackbacks are currently closed.