Дневник за самоорганизација

download printer friendly version

Милена Богавац

Работата на белградскиот дел од групата „Термини/Преведување“ (неформално позната и под името: група за вкрстени зборови) почна кога Бојан Ѓорѓев, по летната школа во Охрид, на mailing листата ни го испрати списокот со повеќе од седумстотини различни термини, поврзани со современата уметност, но и со современото општество, во поширока смисла.

Овој список, заедно со своите соработници, Бојан го направил на некоја претходно одржана работилница… Списокот беше сосема несистематизиран, но за сите нас во групата значеше почетна инспирација. Соочени со стотици случајно наредени термини, почнавме да размислуваме за поимите што тие ги означуваат…

Го договоривме првиот состанок со план на него сите да се појавиме со своите списоци од десетина термини кои би нè интересирале. Задачата не ја сфативме сите на ист начин, па некои од членовите на групата направија избор на термини од списокот на Бојан, додека други составија свои, нови списоци на зборови и поими. На тој состанок е договорено за следниот да се состават посистематични списоци. Сè уште не се обидувавме термините да ги распоредуваме според тематски области, туку според начинот на кој се употребуваат.

Така се одредени првобитните „терминолошки категории“.

1) Термин коишто го знам; 2) Термини коишто се појавуваат, а не го знам нивното значење; 3) Термини коишто се сомнителни; 4) Општи места; 5) Термини коишто најчесто ги користам; 6) Термини без соодветен превод; 7) Неологизми; 8) „Лични термини“.

Следната средба ја искористивме да продискутираме за термините што се најдоа на нашите списоци. Овој состанок беше корисен зашто заеднички се обидовме да ги објасниме термините кои на некои од членовите на групата им беа непознати или сомнителни… Исто така, ги проширивме своите списоци, разговарајќи за термините со кои претходно попишаните зборови беа поврзани. Успеавме да пронајдеме соодветен превод за неколку термини или барем да се согласиме за причините поради кои соодветниот превод не е можен. На некој од првите состаноци дојдовме до идејата да направиме голем најлон кој ќе го залепиме на ѕид за на него да можеме да ја впишеме „мапата“ на сите термини што сакаме да ги истражиме. Така третиот состанок заврши со поделба на идентични ливчиња и со договор секој термин да се напише на едно ливче. Следниот состанок го одбележа „свеченото“ лепење на најлонот на ѕид. Членовите на групата на најлонот ги залепија ливчињата со термините, без да водат сметка за нивниот редослед и систематизација. Најлонот на кој се залепени различните зборови стана табла за колективно-самообразовна игра на распоредување различни термини според различни тематски блокови. Блоковите ги немавме одредено однапред.

Се трудевме да ги откриеме, откривајќи ги односите меѓу термините залепени на најлонот. Систематизацијата се случуваше постепено. За почеток, одлучивме ливчињата со исти термини да ги залепиме едни врз други. Така видовме кои термини најмногу се повторуваат. Околу термините кои се повторуваа почнавме да ги лепиме термините кои им се блиски… Првата област која на овој начин се издвои се однесуваше на професионалниот жаргон поврзан со практичната работа во театар, а ако се земе предвид дека овој жаргон е научен на Факултетот за драмски уметности, оваа група ја нарековме „ФДУ“… Кон таа страна на најлонот постепено почнаа да се слеваат сите оние термини на кои им е заедничко тоа што се однесуваат на традиционалните или традиционалистичките форми во изведувачките уметности. Тука припаднаа жанровите, правците, историските периоди, насловите за различни актерски/изведувачки вежби…

Оваа група ја зазеде крајната десна страна на најлонот. На средината почнавме да ги редиме термините кои директно се изведени од јазикот на новите технологии. Компјутерски команди, ознаки, изведени зборови и „посрбувањата“ на овие зборови се издвоија како самостојна тематска област: „НОВИ ТЕХНОЛОГИИ“… Недалеку од „НОВИТЕ ТЕХНОЛОГИИ“ на најлонот почнаа да се редат термините поврзани со поп културата, во чии рамки како подкатегорија се појави и групата жаргонски изрази за одредени феномени во современото општество…

Во оваа категорија влегоа и имињата на поп ѕвездите, како и некои познати маркетиншки слогани („Можеби е родена со тоа“)… Оваа група ја означивме со насловот „ПОП“…

Со создавање на првите тематски рамки, ја „исчистивме“ мешаницата на најлонот така што сега станаа позабележителни термините кои не се распоредени во овие категории. Забележавме дека многу термини се однесуваат на телото и на телесноста, односно дека се изведени од областа на медицината. Така „смрт“, „терапија“, „киборг“, „идиот“, „лудило“ и „оргазам“ влегоа во истата група со поимите „post-human“, „гол живот“, „објективизација/објектификација“ или „monster“… Оваа група ја нарековме „ТЕЛО И МЕДИЦИНА“… Филозофските термини, или термините дефинирани во различни теории, ги групиравме во категоријата наречена „ОДНОС КОН СТВАРНОСТА/ПИШУВАЊЕ И ЧИТАЊЕ“. Оваа многу сериозна област стана „заеднички содржател“ на филозофската и теориската терминологија, во категорија во која спаѓаат изрази како што се „процес“, „процедура“, „метод“, „современо“ или „релација“.

Блиска до оваа категорија, се кристализира и следната во која се наоѓаат термини поврзани со авторот и авторството. „Автопоетика“, „Автофикција“, „Оригинал“ и „Автентично“ се некои од клучните зборови во оваа тематска група.

Техниките и постапките што авторот ги применува на одредена материја ги групиравме во посебна област. Останатите термини се распоредени во две групи „ПОЛИТИКА“ и „ПАЗАР“, а брзо забележавме дека многу термини од овие две групи можат да припаѓаат и на едната и на другата група. Како сосема посебна тематска област се појавија често употребуваните „ПРЕФИКСИ“ кои ги попиша Катарина Поповиќ, како и „ЗАМОРИТЕ“ од појавите, феномените и нормативите во современиот свет, кои ги дефинира Синиша Илиќ.

Загледани во најлонот со распоредените ливчиња, сфативме дека бескрајно личи на мапа на светот! Секако, веднаш посакавме да го видиме во 3Д варијанта, како глобус на термини и поими поврзани со современата уметност.

Ако нашата мапа со термини се спореди со мапата на светот, веднаш можат да се забележат речиси неверојатни коинциденции. Префиксите и заморите се наоѓаат на местото на архипелагот на Земјата и сонцето што заоѓа. ФДУ жаргонот се распространува на просторот на мапата на светот што одговара на Азија.

Европа е затрупана со политиката, т.е. со термините од оваа област. На местото на Африка, на нашата мапа (иронично?) се наоѓа пазарот. Јужна Америка е населена со термини од областа на поп музиката и новите технологии. Во централна Америка се наоѓаат техниките и постапките, а во северна Америка се наоѓаат авторството и односот кон стварноста. На местоположбата на Канада одговараат (студените) термини од областа на телесното и медицинското.

Во следната фаза термините од ѕидот ги пречукавме во word документ.

Секој член на групата доби по една област што треба да ја обработи и да ја презентира на другите членови. Не се обидовме да дефинираме што точно значи „обработувањето“, туку едни на други си оставивме простор за авторски пристап.

Презентациите што ќе ги подготвиме пред сè ќе се однесуваат на дополнувањето на списокот со термини и систематизација на термините во рамки на една тематска група.

Бидејќи термините ги поделивме во различни области дојдовме до идеја за секоја област на групен состанок да повикаме некој уметник или експерт за таа конкретна област. Овие соработници нема да ги третираме како предавачи, туку како приклучени членови и консултанти за различни области… Работилницата која потоа ќе ни биде потребна веројатно се однесува на барањето термини кои го „премостуваат“ просторот од една до друга категорија.

* * *

Овој текст, првично насловен „Хронологија на досегашната работа“ е напишан во октомври 2009 година, кога во нашата самообразовна група првпат се појави идејата за своевиден „дневник за самоорганизација“. Беше тоа еден и пол месец по формирањето на нашата група, а овој текст не настана само затоа што, веќе тогаш, можевме да претпоставиме колку интересни фази во работата нè очекуваат, ниту затоа што можевме да мислиме дека некој вид бележење на процесот низ кој поминуваше, или поточно, го создаваме, би можело да биде лекција што ќе ја објавиме во завршната публикација.

Овој текст е напишан од многу попрактични причини. Целта ни беше да искомуницираме со скопскиот дел од групата, бидејќи ни се чинеше дека од последната средба на летната школа, концепциите за работа целосно ни се разотидоа. Среде честите технички откажувања, состаноците преку видео линк никогаш не беа доволно ефикасни, а mail-овите кои ги разменувавме само го потврдуваа нашиот сомнеж за тоа дека работата со термините сосема поинаку ја сфатија.

Додека ние во Белград сечкавме и лепевме ливчиња на најлон, планирајќи да ги поврземе и дефинираме, скопскиот дел од групата, како што нам тогаш ни изгледаше, се занимаваше со личните асоцијации на поединечните теми. Освен тоа, скопјаните отворија и wiki-страница, на која за само неколку дена закачија две видео презентации на своите теми.

Нè охрабруваа и ние да почнеме да објавуваме свои содржини на оваа страница, што нам, во Белград, од некоја причини ни изгледаше невозможно. Сепак, со силна желба да оствариме соработка, одлучивме на скопската wiki да го објавиме својот извештај за досегашната работа. Верувавме дека така ќе покажеме желба да соработуваме, но и доследност до принципот на работа кој ни изгледаше правилен. Од овој аспект, многу е интересен фактот што нашата хронологија на работата е последната содржина што некогаш ја објавивме на интернет. Како од белградската, така и од скопската страна.

Со ова проектот Википедија е успешно завршен и заборавен.

Меѓутоа, истата работа се случи и со идејата дека секој член на групата треба да обработи по една област, односно категорија, па потоа во духот на „sharing knowledge“ да ја презентира на остатокот од тимот. Иако првично се согласивме во однос на оваа „домашна задача“, еднакво сложно продолживме да ја игнорираме. Нашите состаноци во следниот период беа редовни, но стопроцентно неефикасни. Во тоа време, работевме некои други работи: во Белград, но и надвор од него. Во Србија, но и надвор од неа, и состаноците ни поминуваа во креативна, пријателска, но ни малку работна атмосфера. Со други зборови, изгледаше дека се состануваме во Магацин, за да можеме едни на други да си реферираме што ново се случува во нашата уметничка работа; до каде кој стигнал со новата претстава, кој бил на кој фестивал, кој што гледал или читал.

Притоа двата часа едноставно прелетуваа, па состаноците ги завршувавме, со по некоја идеја за тоа како би можеле да ја продолжиме колективно-самообразовната работа… Веројатно никој од нас веќе не се сеќава на овие идеи. Иако изгледа дека во оваа фаза на заедничка работа само бескорисно трошевме време, многу е можно токму овој период да беше пресуден и решавачки за сите следни акции. Тука би сакала да се осврнам на предавањето на Бојана Кунст на Отворениот ден, кое следеше многу месеци подоцна. На тоа предавање, Бојана Кунст изнесе тези за тоа дека за учењето е потребно време, но и дека тоа генерира пријателство. Доколку целта на „Расшколуваното знаење“ беше вложување во независната сцена, тогаш може да се каже дека во оваа фаза најмногу вложивме.

Си дадовме на себе си време и притоа се спријателивме, што предизвика информациите меѓу нас да течат побрзо и да бидат подетални од претходно. Не треба да се занемари фактот дека во овој кус период, секој од нас заврши по неколку други проекти, а дека сите членови на групата беа упатени во сите фази низ кои, во своите проекти, поминуваа учениците и ученичките на нашето „расшколувано одделение“. Со други зборови: станавме одделение.

И кога на почетокот на зимата ситуацијата малку се расчисти, бевме подготвени за нови самообразовни победи. Во Белград пристигна Бојана Цвејиќ, чија работилница беше голема пресвртница во нашата работа. И ако на почетокот не можевме да се договориме за тоа што очекуваме од неа и како би требало да биде конципирана работилницата што ќе ни ја одржи, Бојана Цвејиќ во разговор со Ана Вујановиќ дојде до идејата на нашата група да ѝ понуди учество во пишувањето текстови за поимникот што го издава East Dance Academy. На првиот ден од работилницата ни го презентираше концептот на оваа книга, но и принципите според кои работи EDA. Во следните два дена, под водство на Бојана, правевме колективен браинсторминг за поимите „контекстуален пристап“ и за улогата на фестивалите во контекст на уметничките сцени од земјите на поранешната Источна Европа.

Бојана Цвејиќ отпатува и ни остави крајни рокови, кои, секако, ги прекршивме… Сепак, она што се случи во текот на нејзината работилница беше пресудно за насоката во која ја продолживме работата. Пред сè, на оваа работилница, конечно се сретнавме со скопскиот дел од групата. Потоа, конечно бевме соочени со конкретни задачи. Беше потребно во одреден временски рок заеднички да напишеме два текста. Или, како што Бојана Цвејиќ го дефинираше тоа, беше време од теориска конечно ја влеземе во практична работа. Поточно: во фаза на производство на нешто што би наликувало на нашиот краен производ. Во овој случај, пред крајно конкретната задача, докажавме дека пишувањето може да биде колективен чин. Сите членови на нашата група во иста мера се вложија при настанувањето на овие текстови, па може да се каже дека за време на работата врз нив развивме сопствена техника на колективно пишување која во многу аспекти покажува и тоа дека колективното самообразование е можен и практично изводлив поим. Собрани околу иста задача и околу ист проблем, за време на пишувањето на текстот за контекстуалниот пристап во уметноста, членовите на белградскиот дел од групата се покажаа како збир индивидуални, кои без суета сакаат да ги споделат своите знаења, забелешки и идеи со другите. Дури и ако текстот што го напишавме не е совршен, многу е важно да се нагласи дека го пишувавме неколку месеци, во повеќе од десет верзии и дека за секоја следна измена, долго и многу дискутиравме, си објаснувавме едни на други дека исти дефиниции или фрази можат да се прочитаат на различни начини, во зависност од тоа каква е образовната, политичката/лична или идеолошка позадина на оној што чита.

Бидејќи професорот Мишко Шуваковиќ е автор на ТВ поимникот од областа на теоријата на уметноста, Катарина Поповиќ предложи заедно да ја погледнеме оваа емисија, а потоа да дискутираме за неа. Тогаш некој се сети на заборавената идеја дека во процесот треба да вклучиме експерти и консултанти од различни области, па прв во ова својство е повикан професорот Мишко Шуваковиќ, кој во нашата работа внесе многу нови содржини, како и динамика. Првата сесија со него беше планирана на следниов начин. Епизодите од серијата се гледаат во Белград и во Скопје, а потоа се поврзуваме со видео линк и заеднички дебатираме. Како и многу пати дотогаш видео линкот не функционираше. Сепак, разговорот што во Белград го водевме со Мишко Шуваковиќ го снимивме и во mp3 формат го пративме во Македонија. Сесијата беше инспиративна, па решивме набрзо да ја одржиме и следната. За следната, во рамки на нашата група подготвивме и прашања за професорот Мишко Шуваковиќ. Тие се однесуваа на основните поими и термини кои секојдневно се употребуваат во жаргонот на современата уметност. Разговорот во кој Мишко Шуваковиќ ни разјасни што значат и на што се однесуваат термините: „метод“, „формат“, „практика“, „стратегија“, „процедура“, „постапка“, „техника“, „платформа“, „протокол“ и многу други беше клучен за продолжувањето на работата на нашата група. Продолживме еднаш неделно да се собираме за да ги изгледаме сите епизоди од „ТВ поимникот“. Бидејќи професорот Шуваковиќ имаше и други обврски, дискусиите за изгледаните содржини ги водевме меѓу себе. Понекогаш, наместо „ТВ поимникот“ гледавме други емисии за уметност, но практиката за нив да дискутираме се задржа. За време на овие сесии ги споделувавме нашите знаења, информации, таленти и вештини. Нешто слично се случи и за време на timeshare периодот, кога во Скопје и во Белград сите заедно работевме на оваа публикација. На нејзиниот концепт, содржина, визуелен идентитет и прелом. Токму затоа, оваа публикација не е учебник. Таа повеќе може да се спореди со вежбанка, работни листови или збирка задачи кои ни самите не успеавме да ги решиме. Нашето „Издание во создавање“ не нуди одговори, но воспоставува простор за поставување нови прашања кои нам – по десет месечно работење – веќе не ни паѓаат на ум.

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink. Comments are closed, but you can leave a trackback: Trackback URL.